ГЕИНГ - дел од проектот ЕкоМед

Геинг Кребс унд Кифер на почетокот на 2017 година како специјализирана инженеринг компанија и единствен претставник од Македонија зема учество во проект со научно истражувачка дејност наречен “Специјализиран процес на секторот за екоинженеринг во животната средина на Медитеранот (ECOMED)”. Конзорциумот кој работи на проектот ECOMED е составен од 14 партнери од осум земји (Шпанија, Грција, Португалија, Франција, Италија, Обединетото Кралство, Турција и Македонија) од кои 5 се универзитети, еден истражувачки центар, 1 технички институт и 7 мали и средни претпријатија. Конзорциумот е под координација на Техничкиот универзитет од Мадрид.


Целта на овој тим е да го унапреди нивото на специјализација на екоинженерингот во Медитеранот, дотолку повеќе да креира и унапреди наставна програма која ќе биде достапна и во корист на високообразовните институции. Во таа насока, конзорциумот на овој проект ќе и го понуди сето свое практично и теоретско искуство на следната генерација корисници и ќе подготви соодветна обука за тоа како да се користат техниките на екоинженерингот во Медитерански услови. Ваквата потреба се јавува како неопходна бидејќи засега не постои стручна програма од ваков тип во повеќето земји од Медитеранот, како и фактот дека постои сериозен недостаток од стручен кадар кој се бави со оваа проблематика во земјите како што се Шпанија, Грција, Португалија, Италија, Турција и Македонија.

ecomed1

Овој проект всушност претставува иницијатива за унапредување на процесот на специјализација на пределскиот биоинженеринг (landscape bioengineering) како и можност за генерирање на нови заедници и движења во овој сектор а сето тоа во рамките на Медитеранскиот регион.
Неговите специфични цели се:

• Подобрување на проектите/пресметките во изведбата на биоинженерингот
• Генерирање на соодветна вегетациска база на податоци за Медитеранскиот регион
• Подобрување на процесите на имплементација односно на градежните процеси
• Подобрување на дефинициите, планирањето и мониторингот во изведбата на работите
• Подобрување на работните алатки за анализа со цел поголема ефикасност во реставрација и рехабилитација
• Подобрување на содржината на обуката поврзана со пределскиот биоинженеринг.

ЕкоМед проектот ќе ја подобри изведбата на биоинженерингот во различни сегменти и фази: проектирање/пресметки, имплементација/градежништво, мониторинг и едукација/обука преку спроведување на применета истражувачка работа односно анализа која ќе се одвива во периодот од 2017 до 2018 година. Оваа активност ќе рефлектира со користење на внимателно избран сет на биоинженеринг алатки со кои ќе се анализираат предложени проекти од страна на членовите на тимот. Проектите се избрани согласно утврдени протоколи а се изработени исклучиво во рамките на Европско-Медитеранскиот регион. Истите ќе служат како пример за понатамошното учење и анализа.

ecomed

Овој проект кој е ко-финансиран од Еразмус + Програмата од Европската Унија ќе креира нови начини за справување со предизвиците кои ќе следат во развојот на пределскиот биоинженеринг со користење на подобрени техники и нови приоди кон оваа гранка, земајќи ја во предвид како примарна специфичноста на условите во Медитеранскиот регион.

Повеќе информации за проектот ЕкоМед можете да најдете на:
Web: www.ecomedbio.eu 
Twitter: @ecomedbio
Facebook: Ecomedbio-Erasmus+