Локацијата на свлечиштето е на патниот правец P29372 на 12.5 km од градот Битола во правец на детското одмаралиште Пелистер. Со активирање на свлечиштето зафатен е дел од косината од трупот на патот заедно со дел од коловозната конструкција, односно истиот е свлечен во должина од приближно 25 m. Свлекувањето е настанато по плитка рамнина на лизгање и тој почвен материјал е доста оддалечен од неговата првична состојба поради стрмноста на косината. Ова свлекување било доволно да се оштети дел од коловозната конструкција, така што и тесниот пат е дополнително стеснет со намалена безбедност на корисниците на тој пат.
Со техничкото решение предвидена е стабилизација на свлечиштето, санација на коловозната конструкција и регулирање на атмосферските води. Должината на санација изнесува 57 m со оглед на тоа што активната површина на лизгање зафаќа потег од околу 45 m. Во тек на изработката на проектот разработени се повеќе варијантни решенија, oд кои усвоена е варијантата со аб колови со дијаметар 1000 mm.
Ова решение се состои од два зафати. Првиот зафат претставува изведба на потпорна конструкција која ќе има двојна намена т.е да се спречи понатамошното свлекување и да се обезбеди стабилност на почвениот материјал. Вториот зафат претставува регулирање на површинските и атмосферските води.
Потпорната конструкција се состои од три потези. Првиот и вториот потег се состојат од аб колови поставени шахматно во два реда со дијаметар од 0.8 m. Надколовата плоча е со дебелина од 0.8m и ширина од 2.5m. Потпорната конструкција во потег 3 претставува конзолен потпорен ѕид со иста геометрија како надколовата конструкција од двата потези.
Предвидена е целосна замена на коловозот на делот на свлечиштето, со поставување на геомрежа под тампонскиот материјал, а одведувањето на водите предвидено е да се води со два канали изработени од аб канавки.
- 1
- 2
- 3