Локацијата на која се вршени истражните работи се наоѓа во технолошката индустриска развојна зона ТИРЗ Бунарџик 2 и е предвидена за изградба на производствен погон за автобуси. Со цел да се определат физичко механичките и класификационите карактеристики на почвените слоеви кои се битни при изборот на хоризонтот на фундирање и димензионирање на темелите најпрво е извршена проспекција на терен по која следеа геодетско снимање и геомеханички истражни работи (геомеханичко дупчење на истражни дупнатини, како и копање на истражни шлицеви со паралелно картирање и земање проби за лабораториски испитувања).
Направени се и теренски опити на стандардна динамичка пенетрација (SPT). Изработен е елаборат во кој се презентирани резултатите добиени од теренските истражувања и лабораториските испитувања, како и графички дел во кој се исцртани поединечни и надолжни профили на теренот.
Со истражните работи утврдено е дека локацијата е со релативно едноставна градба, каде генерално се издвојуваат две целини и тоа: средно до високопластични песокливи глини од групата CI и CI/GFc и заглинети песоци и чакали од групата SFc и GFc. Појава на подземна вода не е регистрирана до длабочина од 10.00 m. Според проектантските барања, избран е плиток хоризонт на фундирање t=1.30 m.
Карактеристично за локацијата е тоа што морфологијата на теренот наложува фундирањето во еден дел да се извршува во ископ, а во друг во насип. Согласно ваквата условеност, извршени се пресметки за дозволено оптоварување на подлогата за правоаголен темел во ископ и во насип, како и пресметки за дозволени слегања на подлогата.
- 1
- 2
- 3