ГЕИНГ ќе изготви проект за санација на автопатот Неготино - Д. Капија

20 септември 2013: Агенцијата за државни патишта потпиша договор со компанијата „Геинг Кребс унд Кифер Интернешнл“ за изработка на проектната документација за санација и рехабилитација на автопатската делница Неготино - Демир Капија во должина од 15,4 километри. За оваа цел се издвоени финансиски средства во висина од 17.428.600 денари или околу 280 илјади евра. Рокот за изготвување на проектот изнесува 10 месеци. Идејата за реконструкција на делницата Неготино - Демир Капија е дел од обемниот владин проект за обнова на веќе изградениот автопат од паневропскиот Коридор 10 во Македонија.

Изградбата на трасата од Неготино - Демир Капија се одвиваше во три фази во периодот од 2003 до 2005 година. Инфраструктурниот зафат беше финансиран од Фаре програмата и преку Кардс програмата на Европската комисија. Вкупната должина на автопатските делници од Коридорот 10 што минуваат низ земјава изнесува 172 километри.